
Данче Серафимова е млада креативна претприемачка која водена од поривот да инспирира промени, страста да создава но и желбата да пронајде што е можно поприродни и подобри производи за нејзините најмили, почнува да прави природен детергент. Најпрво рецептот го споделува на својот инстаграм профил со намера да помогне и на други семејства да направат и користат природни и нештетни производи, но по некое време доаѓа до сознание дека поголем дел од нив претпочитаат да купат отколку да направат самите. За патот на Данче кон создавање на сопствен производ таа вели дека е тесно поврзан со нејзиното емоционално созревање и еволуција на личноста и способноста дури и во најтешките периоди да се смогне сила и пронајде инспирација.
Најпрво да ја запознаеме одблиску, која е Данче?
Здраво.
Јас сум Данче од Струмица, имам 31 години и во моментот мојата примарна улога е мајка. Имам две дечиња, машки, поголемото е 5 ипол години, а помалото е 2 и пол години. За себе можам да кажам дека никогаш не се вклопував во некои наметнати калапи и секогаш го бирав спротивното, за многу бев тешка за разговор и мојата отвореност знаеше да не биде прифатена. Тогаш тоа ми пречеше, но денес можам да кажам дека токму оваа карактеристика ме донесе каде што сум сега.
Што беше твојот стимул, од каде дојде инспирацијата да започнеш со правење на природен течен детергент?
Порасната сум во фамилија која се занимала со земјоделство, баба ми и дедо ми одгледуваа моркови, грав, домат, пиперки и истите ги продаваа на пазар. А баба ми е голем љубител на цвеќиња и како мали секогаш нѐ караше кога игравме блиску до нив со топка. Сосема несвесно оваа љубов кон природата, домашните производи, стана дел од мојот идентитет која ја освестив со стекнување на нова улога – мајка.
До раѓањето на моето прво дете, можам да кажам дека живеев несвесно, буквално како што дува ветрот така и јас, но во тие години сепак сум ја задржала автентичноста и сум ја изградила резилиентноста. Мајчинството за мене е мојот главен двигател за се. Мајчинстовто нуди потенцијал за раст и развој ако вистински се препуштиме. Мојата прва желба за промена дојде со Ѓорѓи. Тој е мојот голем учител. Почнав да се освестувам и да бирам како ќе се однесувам со него, како ќе го третирам. Како родители одлучивме дека не сакаме да воведуваме некои стари обрасци на однесување, бидејќи чувствувам дека за мене и моето семејство тој начин не е исправен. Ова ме наведе да се запрашам дали е можно да јас денес го живеам мојот полн потенцијал и дали живеам живот каков што сакам со всадени уверувања кои ми се наметнати од страна на околината и која сме ја преземале и поистоветиле со неа како да е навистина наша.
Секој од нас расте во некое опкружување. Фактот што сме растеле со некој и гледајќи го тој некој, тој имал моќ да ни всади уверувања и да ни наметне некои обрасци на однесување за кои тие лично веруваат дека се исправни и со времето ние како живееме ги преземаме туѓите уверувања и однесувања. Ги примаме како да се наши и со времето тие уверувања кои и можеби не резонираат со нас, стануваат дел од нас и се нешто што ние го зборуваме на себе се додека не стане наша норма.

Околината не секогаш е како треба да биде и не негува индивидуализам и интуиција како што би требало да негува. Секој од нас е тука со некоја друга причина и цел и не е можно да постои еден начин на живот кој одговара на сите и кој е за секој. На нас е кога ние ќе преминеме во возрасни луѓе тоа да го освестиме, како живееме и дали нашиот живот е рефлексија на туѓите очекувања или на оние нашите. Дали ги задоволуваме туѓите потреби или своите. Дали живееме како што сакаме да живееме или како што мораме. Дали чувствуваме дека можеме повеќе и дека сакаме повеќе, или поинаку, но не сме способни да се одвоиме од генерациските обрасци на однесување и циклуси кои ни се всадени низ нашето растење бидејќи сметаме дека го немаме тоа нешто во нас за да го прекинеме тој циклус.
Некогаш животните предизвици и проблемите на кои наидуваме ни доаѓаат како повик да ја разбудиме креативноста во себе, дали имаше специфичен проблем што сакаше да го решиш со овој производ и како започна сѐ?
2021-ва година мене ми остави голем прашалник, ме фрли на под и беше година каде донесов голема одлука а тоа е да преземам одговорност за мојот живот, за тоа како се чувствувам, како се однесувам. Да си дозволам да бирам со кого разговарам, да бирам кој и што ќе влезе во нашиот дом. Одлучив за повеќето работи да не сум достапна. И е многу тешко, со мојата одлука јас подигнав голема прашина и многу искушенија дојдоа на пат. Но тука сме, се бориме, бидејќи имам јасна намера, која доаѓа од чисто срце, неизмерна љубов, благодарност и верба. На нашиот мозок не му е убаво кога ќе почнеме да покажуваме или барем да пробуваме да дејствуваме поинаку. И тежнееме да се вратиме во примарниот образец бидејќи ни е познато, удобно и сме поврзани цел живот таму. Не е воопшто едноставно да се соочиш со фактот дека практично сè до сега е само наш избор донесен несвесно.
Зошто 2021-ва година? Кога Ѓорѓи имаше 8 месеци останав по втор пат бремена. Детето, Костадин, се роди на 4ти Септември со компликации и итно беше префрлено во Скопје. По 28 дена борба се предаде, не издржа. Неговата загуба е мојот двигател, мотивација, извор. Чувствувајќи вина дека нешто со моето тело предизвикало неговиот развој да не е целосен, почнав да се едуцирам за хормоните, ендокрините дисруптори, состојките во производите кои ги конзумираме и користиме. Кога навлегов длабоко во темата, сфатив колку сме преплавени и сме жртви на маркетингот и конзумеризмот. Колку сме побегнале од едноставноста и користењето на неколку производи во домот, колку имаме само дистракции во текот на денот.
Почнав да се навраќам на едноставноста, на барање решенија за создавање на производи сама во козметиката, за домот. Така стасав до етеричните масла. Кога почнав да ги користам, почнав да учам за да правам прозиводи со нив, како мелем за гради против кашлица, путер за тело, влажни марамчиња, тоник за лице, серум за лице, пилинг за тело, комбинации за синуси, серум за коса, детергент.
Како изгледаа твоите први чекори во создавањето на детергентот?
Прв пат пробав да направам детергент во 2022ва година. Јас иако пробував бев многу голем скептик и не верував дека ќе функционира. Но на мое големо зачудување бев импресионирана од резултатот. За производите кои почнав да ги правам почнав да пишувам и да ги споделувам на Инстаграм. Имам голема страст во тоа да инспирирам за промена. Самата знам колку е предизвик да се спротиставиш на регуларното и да отстапиш од него и затоа сум тука онлајн за да пружам поддршка и да покажам дека не мора да биде тешко и дека кога сме заедница и кога имаш вистинско место каде да се обратиш, сè е полесно.
На почеток немав планирано овој детергент да биде мој производ и биде на продажба. Со задоволство го споделував рецептот на инстаграм и ги поттикнував жените да пробаат и си направат.Се додека почна да има интерес за да јас направам на пријатели и да ме прашаат за цена. Тука дојдоа на пиедестал сите мои уверувања околу продажбата, тука доаѓаше некоја моја нова улога, а тоа е како претприемач, веќе немаше да бидам човек што само доаѓа и креира бесплатно туку и да продава. И тука веднаш наидов на отпор во себе, недоверба, мислев дека нема да сака никој да купи и оставив.
По една година креирав работилница, каде правевме природен детергент, путер за тело, дезодоранс, беше навистина убава дружба и се надевам ќе ја повториме барем уште еднаш. По работилницата едно девојче ме праша дека има другарка заинтересирана за детергентот и тоа го сфатив како знак дека треба да се осмелам. И тоа беше еден многу невообичаен ден бидејќи беше неколку дена пред да тргнеме на одмор, оваа лето во јуни. Кога се решив, седнав прво да направам етикета за производот, која ја финализирирав ден пред да одам на одмор. Ја испечатив, ја ставив на мојот детергент и направив неколку фотографии. И пак бев во мисла, дали да дали не и кога. Додека бев на одмор се консултирав со еко заедницата од која сум дел, тие беа многу воодушевени и така решив да го објавам додека сме на одмор. Ноќта го направив видеото и описот и го ставив да се објави наутро. Во првите два дена имав 20 нарачки. Ги ставив како pre order, за да ги испорачам кога ќе се вратам. Ова мене ми дојде како гром од ведро небо. Не очекував, а и дефинитивно не бев спремна. Немав амбалажа, немав суровини и не ни знаев како ќе ги набавам. Набрзо сфатив дека во Струмица немам ни стаклена амбалажа, па тука бев во големи паники. Но додека се вратив од одмор се организирав и моето прво патување со кола до Скопје беше токму поради детергентот. Морав да преминам преку многу мои стравови, морав да голтнам многу работи за да можам да создадам производ и сето она што следува со него. Ништо немав испланирано, не бев подготвена, сѐ се случи премногу брзо. Но мило ми е што се случи и благодарна сум за овој чекор, бидејќи ќе беше многу себично од моја страна ако само останав со информацијата и само со споделувањето, многу семејства никогаш не би ни пробале да направат, туку преферираат да купат.
Почнав да пишувам за раст и развој на себе, за домот, производите кои ги користиме, нивното влијание врз нашето здравје, женскиот репродуктивен систем. Создадов прирачник/водич во состојките на производите каде најчестите состојки се наведени со име и е објаснето нивното дејство и тоа дали се штетни или не. Водичот има 50тина страни и е вистинска ризница и наша обврска и должност е да бидеме информирани за состојките во производите. Во него се објаснети и сертификатите со кои се служат производителите на козметиката и објаснување за нив како и на кој начин да им веруваме и кога да ги проверуваме. Овој прирачник јас го подарувам на сите потрошувачи на детергентот. Штом го нарачуваат им го испраќам во пдф форма.
